Светската банка и натаму ќе ја поддржува Народната банка за јакнење на финансиската стабилност, беше посочено на работна средба на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерките Ана Митреска и Емилија Нацевска со потпретседателката на групацијата на Светската банка за регионот, Ана Бјерде.

Како што информираат од Народната банка, на средбата, на која присуствуваа и регионалната директорка за Западен Балкан, Линда ван Гелдер, новиот регионален директор за Западен Балкан, Шиаочин Ју и претставникот на Светската банка во земјава, Масимилијано Паолучи, стана збор за тековните макроекономски услови во државата, а пред сѐ за инфлацијата, надворешниот сектор, капацитетите на банкарскиот сектор и за унапредувањето на регулативата за банкарскиот систем.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека поддршката којашто Светската банка ја обезбедува за Народната банка заради натамошно унапредување на регулативата за работењето на банкарскиот систем е од исклучително значење.

Поконкретно, Светската банка ја поддржа изработката на Предлог-законот за финансиска стабилност којшто сега е во собраниска процедура. Со Предлог-законот ќе се зајакне макропрудентната функција на Народната банка, но и на останатите финансиски регулатори и ќе се обезбеди натамошно унапредување на координацијата на финансиските регулатори. Техничка помош се обезбедува и во сферата на усогласување со европската регулатива за решавање банки, зајакнување на инструментариумот за следење на системските ризици во финансискиот сектор, вклучително и за моделот за процена на квалитетот на кредитното портфолио на корпоративниот сектор.

Потпретседателката Бјерде се осврна на глобалните предизвици и последиците од тоа за домашната економија. Во однос на банкарскиот систем, искажала поддршка за активностите на Народната банка за натамошно унапредување на регулативната рамка којашто е од големо значење за натамошно јакнење на финансиската стабилност.