– Запирање на кредитните текови во текот на минатата и оваа година немаше – кредитната активност расте со темпо кое е слично на преткризното. Минатата година и во првите месеци од оваа година, кредитите растат со стапка од околу 6 отсто. Впрочем, минатата година, растот на кредитната поддршка за економијата ги надмина очекувањата на централната банка. Се забележува поголема ориентација за кредитирање на населението, но позитивни се и кредитните текови за корпоративниот сектор, појасни Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката посочи дека ова е прва криза во која Народната банка од самиот почеток спроведува олабавена монетарна политика со цел одржување на поволни финансиски услови, за разлика од претходни кризни епизоди кога основната каматна стапка прво се зголемуваше, што доведе до затегнување на кредитните услови. Од самиот почеток на пандемијата, Народната банка ја намалуваше каматната стапка во повеќе наврати, а презеде и други монетарни мерки кои доведоа до намалување на каматните стапки на кредитите и солиден раст на кредитната поддршка на граѓаните и компаниите.

На панел-дискусијата, гувернерката се осврна и на прашањето за очекувањата за економски раст за оваа година и на среден рок, при што посочи и на важноста на случувањата во глобалната, а особено во европската економија. Истовремено, напомена дека во досегашните проекции и оцени на Народната банка, вклучително и во однос на процената на потенцијалот на економијата за раст, не се земени предвид претпоставки за поинтензивно спроведување на структурните реформи, а тие се клучни за зголемување на потенцијалот на економијата, и за чиешто натамошно спроведување е потребна посветеност.