Меѓу трите издвоени жени-гувернери е гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, а покрај неа се и гувернерките на централните банки на Русија и Србија – Елвира Набиулина и Јоргованка Табаковиќ.
Во анализата на „Централ бенкинг“ во однос на нашата земја е напоменато дека банките и покрај макроекономските и системски предизвици во текот на минатата година, останаа ликвидни, доволно капитализирани и профитабилни, а нефункционалните кредити се сведоа на историски најниско ниво, додека депозитите продолжија да растат.
– Во споредба со 2008 година, сега, наместо затегнување на монетарната политика, за да се избегне забавување на кредитирањето, централната банка ја намали каматната стапка, инјектираше ликвидност во банкарскиот систем, ги намали резервациите на банките за кредитирањето за секторите погодени од кризата и со регулаторни промени овозможи полесно одложување на наплатата на кредитите на корисниците на кредити засегнати од кризата. Банките сочинуваат 82 отсто од финансискиот систем и се од клучно значење за преносот на политиките на целиот финансиски систем, наведуваат од „Централ бенкинг“.
Оценуваат дека минатата година, интервенциите на Народната банка помогнаа да се обезбеди неповолните движења на меѓународните финансиски пазари да не се пренесат на домашниот пазар во нашата земја.
– Во минатото, една од причините што Северна Македонија избегна потреси беше тоа што кредитирањето е претежно од домашни извори. Растот е побавен, но е постабилен и одржлив, стои во анализата.
Од „Централ бенкинг“ се осврнуваат и на биографијата на Ангеловска-Бежоска, и нејзините постигнувања преку работењето во ММФ и во Министерството за финансии. Притоа е напоменато дека доаѓањето на Ангеловска-Бежоска на позицијата гувернер е после долг процес на стекнување големо знаење, многу жртвување и стекнување на големо искуство во домашни и странски институции.
Во анализата се издвоени и тешките одлуки што морале да ги донесат гувернерките и институциите со кои тие раководат, а кои биле насочени кон одржување на стабилноста на финансискиот систем. Како карактеристични примери за ваков вид одлуки се посочени одлуките на Централната банка на Русија и гувернерката Набиулина кои заради заштитата на јавниот интерес, од 2013 година наваму имаат донесено одлуки за затворање на приближно половина од банките во рускиот банкарски систем. Исто така, како резултат на неисполнување на капиталните барања, гувернерката на централната банка на Србија, Табаковиќ, во 2018 година донела одлука за одземање на дозволата за работа на една од банките во Србија, а вкупно 19 банки во земјата се во стечајна постапка.
Податоците на „Централ бенкинг“ покажуваат дека на глобално ниво, жените ги заземаат мнозинството од високите позиции во само 10 отсто од централните банки. Меѓу нив, како позитивен пример, се издвојува и нашата централна банка.