Амбасадорот Сера истакна дека го поддржува транспарентното работење на Народната банка и информирањето на јавноста, особено во делот на макроекономските показатели и проекции и движењата во банкарскиот систем, како основа за појасно разбирање на макроекономските состојби во државата.
На средбата, гувернерката се осврна на економската состојба оваа година, при што посочи дека олабавената монетарна политика придонесува за закрепнување на економијата.
-Во првата половина од оваа година е остварен раст од 5,2 отсто што речиси во целост се совпаѓа со проекциите на Народната банка (5,4 проценти). Согласно последните макроекономски проекции, очекувањата се дека економската активност ќе се врати на преткризното ниво од почетокот на 2022 година, рече Ангеловска-Бежоска.
Според неа, мерките на Народната банка овозможија намалување на цените на кредитите и постојан кредитен раст во текот на пандемијата. Банкарскиот сектор досега добро се справува со ризиците од пандемијата и е подготвен да им одговори на предизвиците и во следниот период. Постепеното закрепнување на економијата, што е во тек, позитивно придонесува за одржување на макроекономската и финансиската стабилност и ги ублажува системските ризици. Сепак, неизвесниот карактер на корона-кризата наметнува потреба од постојана подготвеност и будно следење на состојбите, заради преземање соодветни мерки за справување со предизвиците.
На средбата се разговараше и за европските перспективи на нашата држава, при што беше оценето дека евроинтеграцискиот процес има потенцијал да придонесе за јакнење на институционалниот потенцијал и за спроведувањето на структурните реформи.