Британската туристичка индустрија остро ја критикуваше владата за пребавното отворање на земјата, тврдејќи дека не ја искористи водечката позиција во светот со вакцинирањето, со што на ЕУ и даде предност во привлекувањето туристи.
Владата соопшти дека од 2 август сите патници вакцинирани со вакцини одобрени во ЕУ и САД нема да мора да одат во карантин. Одлуката ги опфаќа најголемите девет пазари во Велика Британија според бројот на посетители уште од пред пандемијата со Ковид-19.
Отворањето на Англија најверојатно ќе го следи и остатокот од Обединетото Кралство.
„Патниците, меѓутоа, пред поаѓање и веднаш по пристигнувањето во Англија ќе треба да бидат тестирани за Ковид-19“, напиша министерот Шапс на Твитер.
Овој потег ќе им помогне на авиокомпаниите и туристичките агенции да го интензивираат работењето по 16 месеци ограничувања, што многумина ги доведе до сериозни финансиски тешкотии.
Акциите на „Бритиш ервејс“ пораснаа за три проценти, на „Изи-џет“ за четири и на „Виз-ер“ за пет проценти.