Како одговор на руската инвазија врз Украина, една од најпознатите хакерски групи во светот „Анонимуси“ соопшти дека „официјално објавила кибер војна против руската Влада“.

– Тимот на „Анонимуси“ е во состојба на кибер војна против Русија, се наведува во соопштението објавено синоќа на Твитер, проследено со хаштагот #Ukraine.

Хакерите од „Анонимуси“ подоцна изјавија дека ја оневозможиле за употреба веб-страницата на рускиот телевизиски канал РТ Њуз.

Претходно, РТ објави дека се извршени DDoS напади врз нејзините веб-страници. Освен тоа, вечерта на 24 февруари имало проблеми со пристапот до веб-страниците на Кремљ, на Владата и на рускиот Парламент.

Структурата за кибер безбедност на Федералната служба за безбедност (Национален координативен центар за компјутерски инциденти) прогласи „критично“ ниво на закана од кибер напади во рускиот информативен простор поради „воената операција“ во Украина.