Дел од предметот е вратен на повторно судење
Апелациониот суд ја потврди пресудата со која поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, е осуден на една година затвор за кривичното дело „бесправно градење“.
Според информациите од Основниот кривичен суд Скопје, Второстепениот суд одлучувал по жалбите поднесени од обвинетите и од Јавното обвинителство и ја потврдил првостепената одлука во делот што се однесува на кривичното дело „Бесправно градење“.
Во затворската казна ќе му биде пресметан и периодот што Јакимовски го поминал во куќен притвор, од 19 март до 15 август 2019 година.
Укинат дел од пресудата за злоупотреба на службената положба
Апелациониот суд ја уважил жалбата на Јакимовски во делот што се однесува на обвинението за „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и предметот го вратил на повторно судење.
Според Судот, обвинението се однесува на период од 2011 до 2017 година, а со оглед на тоа што за делото е предвидена затворска казна од три до пет години, постои можност застареноста да настапи во текот на 2027 година.
Воедно, Апелациониот суд ја укинал и условната осуда за обвинетиот Т.Ѓ. и предметот и во овој дел го вратил на повторно постапување.
Од Кривичниот суд информираат дека предметот ќе биде распределен кај нов судија, бидејќи досегашниот судија повеќе не работи во Одделот за организиран криминал и корупција. Потврдениот дел од пресудата ќе биде доставен кај судија за извршување санкции.
