Во втората половина од годинава во земјава истовремено ќе се градат шест автопатски делници, најави Владата. Според плановите, кон крајот на овој месец или на почетокот на следниот ќе започнат градежните активности на втората делница од автопатот Скопје – Блаце, додека во септември или октомври се очекува старт и на изградбата на автопатот Кичево – Букојчани.

Паралелно, интензивно се работи на завршување на автопатот Кичево – Охрид, како и на делниците Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани и Прилеп – Битола, кои се дел од проектот што го реализира конзорциумот „Бехтел и Енка“.

Овие проекти се дел од најавениот инвестициски циклус од 10 милијарди евра за капитални инфраструктурни проекти во следната деценија.

За автопатот Кичево – Охрид, долг 57 километри, од кои досега се пуштени во употреба 34 километри, се очекува делницата Извор – Врбјани да биде ставена во функција најдоцна до септември или октомври годинава. Владата се надева дека, според оптимистичките сценарија, овој дел ќе биде отворен уште до 8 Септември – Денот на независноста.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека целосното пуштање во употреба на автопатот Кичево – Охрид се очекува во првиот квартал од 2027 година. За преостанатите делови веќе се обезбедени финансиски средства, завршени се тендерските постапки и избрани се изведувачи, а се чека конечна согласност од заемодавачите.

По раскинувањето на договорот со кинеската Ексим банка, државата обезбеди 175 милиони евра преку домашните банки за конечно завршување на проектот. Со тие средства ќе се финализираат сите преостанати работи, вклучувајќи ги споредните патишта, сигнализацијата, заштитните огради и безбедносната опрема во тунелите.

Во меѓувреме, се очекува во септември или октомври да почне и изградбата на делницата Букојчани – Кичево, долга 11,5 километри. Проектот ќе се финансира со заем од Европската банка за обнова и развој во вредност од речиси 220 милиони евра.

Напредок се очекува и на автопатот Скопје – Блаце. За втората делница, долга 10,5 километри, избран е изведувач, а по завршувањето на жалбените постапки градежните работи би можеле да стартуваат уште овој или следниот месец. Вкупната инвестиција изнесува 215 милиони евра и е обезбедена преку ЕБРД.

Од проектот со „Бехтел и Енка“, првите 11,5 километри од делницата Прилеп – Битола се очекува да бидат пуштени во употреба до септември 2027 година. Владата информира дека финансиската конструкција за проектот е затворена до крајот на годинава, а во периодот од 2027 до 2029 година се планира реализација на околу 250 милиони евра годишно.

Според проценките, најголемиот дел од активностите треба да бидат завршени до крајот на 2029 година, а евентуалните преостанати работи во текот на 2030 година.

За делницата Требениште – Ќафасан, која засега е единствената од пакетот на „Бехтел и Енка“ што не е започната, повеќе информации се очекуваат кон крајот на месецот, по посетата на претставници на УНЕСКО.

Извор: Курир