Грција надмина 20 милиони аплицирани дози од почетокот на процесот на имунизација, а целосно се вакцинирани над 7,5 милиони граѓани или 71,3 отсто од населението, соопшти генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција Мариос Темистоклеус на денешната редовна прес конференција, јави дописничката на МИА од Атина.

Темистоклеус коментираше дека пред околу една година „никој не очекуваше дека ќе стигнеме до 20 милиони вакцинации “ и истакна дека програмата за вакцинација не завршува и секој кој сака да се вакцинира може да закаже термин во следните 24 или 48 часа, но додаде дека може да се каже дека завршува вакциналниот период, со оглед на тоа дека не е планирана четврта доза.

Говорејќи за процесот на имунизација во земјата, Темистоклеус рече дека со една доза се вакцинирани 7.837.000 граѓани или 74,6 отсто од општото и 84,3 проценти од полнолетното население, а просекот во ЕУ е 74,9 отсто, односно 85,4 проценти.

Целосно се вакцинирани над 7.500.000 граѓани, што претставува 71,3 проценти од општото и 80,3 од полнолетното население, со што Грција се приближува до европскиот просек, што според Темистоклеус е 71,7 отсто од општата и 82,5 проценти од полнолетната популација.

За бустер дозата објасни дека од 5.828.000 граѓани кои можат да ја примат, 90,2 отсто веќе ја примиле третата доза.

Во однос на новозаразените, Националната организација за јавно здравје на Грција денеска соопшти 18.094 случаи на Ковид-19 од 123.759 направени тестови, а починаа 88 лица.

Од почетокот на пандемијата во Грција се регистрирани вкупно 2.317.014 случаи на Ковид-19 и 25.417 починати лица.