Војската на САД го зголеми својот максимален бонус за пријава на нови регрути за 25 отсто со цел да привлече нови кандидати и да ги пополни клучните позиции.

Максималниот бонус е зголемен од 40.000 на 50.000 американски долари, а само обучените регрути кои се обврзуваат на шестгодишен период во одредени области имаат право на оваа максимална исплата.

Генерал-мајор Кевин Верин изјави дека заклучувањето ги наруши напорите за регрутирање во училиштата и другите јавни места, а војската се соочува со силна конкуренција кога станува збор за бонусите за новите вработени.

– Сè уште ги чувствуваме ефектите од коронавирусот во 2020 година, кога училишните системи беа практично затворени. Изгубивме цела класа млади мажи и жени со кои немавме контакт лице в лице, рече Верин.

Тој не прецизираше работни места кои овозможуваат да се добие максималниот бонус.

Бонусите за воено регрутирање изнесуваа повеќе од 233 милиони долари во фискалната година што заврши на 30 септември, што е помалку од 485 милиони долари колку што беа во 2018 година, кога најголемиот огранок на американската армија не ги исполни целите за вработување. Минатогодишниот просек на бонуси за 16.500 нови вработени беше нешто повеќе од 14.000 долари.