Со повеќе активности во Скопје и во Штип денеска ќе бидат одбележани 34 години од формирањето на Армијата.
По повод Денот на Армијата, во касарната „Илинден“ во Скопје вечер во 19 часот, единицата на артилерискиот баталјон на Армијата ќе изврши почесна артилериска стрелба со истрелување на 10 плотуни од 6 артилериски орудија. Претходно, во 18 часот ќе биде извршена пробна артилериска стрелба со истрелување на еден плотун од 6 артилериски орудија.
На одбележувањето, како што најавија од Генералштабот, ќе присуствуваат претставници од повисоката команда во Армијата, градоначалници, директори и раководители на јавни претпријатија и установи во Штип, претставници на верските заедници.
За роденден на Армијата е избран 18 август, денот кога во 1943 година на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев”, кој се смета за првата организирана воена формација на НОВ на Македонија. Процесот за формирање на современата македонска Армија, пак, започна во 1992 година, кога тогашниот претседател Киро Глигоров, со раководството на ЈНА го потпиша договорот за дислокација на федералната армија од територијата на Република Македонија.
