По повеќемесечна истрага, Министерството за внатрешни работи, преку Одделот за криминалистичка полиција, во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и со надлежните служби од Косово и Грција, ја сузбило организираната криминална група инволвирана во меѓународен транспорт на марихуана.

На 14 август 2026 година во Солун биле лишени од слобода македонски и косовски државјанин. При акцијата биле запленети 324 килограми и 474 грама марихуана, која била сокриена во товар со рециклирана пресувана хартија.

Во рамки на истрагата, МВР презело активности и на територијата на Македонија. Одделот за криминалистичка полиција, во координација со јавен обвинител, извршил претреси на повеќе локации за обезбедување материјални докази и целосно документирање на криминалната активност.

При претресите биле одземени мобилни телефони и документација, кои ќе бидат предмет на дополнително вештачење и анализа.

По спроведената истрага, МВР до надлежното обвинителство поднело кривична пријава против едно лице, македонски државјанин.