Итна евакуација по пад во провалија на Шар Планина

Планинар се здобил со тешки телесни повреди откако вчера попладне паднал во провалија додека се движел по Шар Планина, во близина на Ливадичко Езеро, пренесува СДК.

Поради непристапноста на теренот и сериозноста на повредите, во акцијата за спасување била вклучена Армијата на Република Северна Македонија, која извршила итна медицинска евакуација со хеликоптер.

  • „Поради сериозноста на повредите и непристапниот терен, Армијата на Република Северна Македонија изврши итна медицинска евакуација со хеликоптер од Воздухопловниот ВИНГ на лице кое паднало во провалија во близина на Ливадичко Езеро на Шар Планина. Повредениот при падот се здобил со скршеници на раката, ногата и колкот, како и со обилно крвавење, поради што бил во критична состојба. На самото место интервенираше тим на лекари, кои и покрај непристапниот терен, успешно го извлекоа и мобилизираа повредениот“, информираат од Генералштабот на АРМ.

Интервенција на терен и координирана спасувачка акција

Итната акција за спасување била спроведена во координација со Центарот за управување со кризи, а медицинскиот тим на лице место му укажал прва помош на повредениот планинар пред да биде пренесен со хеликоптер.

Состојбата на планинарот, според првичните информации, била критична поради повеќекратните скршеници и загубата на крв, но навремената реакција спречила трагични последици.