Урбаното дивеење е предмет на овозможување од страна на оние кои што се креатори на политиките на некој од таму каде што не му е местото да никнуваат згради. Значи зграда не може да никне сама од себе. Таа никнува доколку некој овозможил некој да уцрта на таа позиција нешто што таму не припаѓа. Ние во овој момент се соочуваме со предизвикот на ГУП кој треба да се донесе во 2022 година за што еве слушаме го работат експерти. Јас го поздравувам тоа и исто така како иден градоначалник јас ќе го отворам за сите експерти и за сите релевантни засегнати страни, меѓутоа и за сите скопјани да можат да учествуваат во тоа, да знаат што им се планира во нивното маало – истакна Данела Арсовска, кандидат за градоначалник на Скопје во гостување во дебатна емисија на телевизија Телма.
Арсовска додаде дека нема да дозволи скопјани кога ќе се разбудат да видат бетонско здание кое што им се гради на три метри од нивниот прозорец.
Што е важно? Важно е тој план да биде отворен за граѓаните. Тој план е на граѓаните. И се прави за граѓаните. Треба да има планирање кое што ќе има долгорочни цели, а тие цели се до 2032 година – Скопје да биде град со квалитетна инфраструктура. Скопје да биде град кој што ќе се планира однапред квалитетно, што е она што може и што треба да се направи во него. Ние сега во овој момент слушнавме еве пред некој ден дека пред една година е отпочната соработката на анализи за ГУП. Тогаш, се доцни. Многу се доцни, затоа што тој треба во 2022 година да се донесе и да биде на сила до 2032 година. За да се спречи урбанистичкиот хаос, да се спречи урбаната мафија, неопходно е да имаме квалитетно изработен ГУП кој што понатаму ќе ги диктира и ДУП-овите по општините низ градот Скопје – појасни Арсовска.