Арсовска во Старо и Ново Лисиче потенцираше дека нема да има веќе заборавени места како што се овие две, а Скопје ќе се развива во град на сите граѓани и град на среќни луѓе.
– Горно и Долно Лисиче веќе нема да бидат заборавени населени места како што се во овие четири години. Тие заслужуваат да ги имаат истите услови на живот, квалитетен и достоен како и секој еден граѓанин од Скопје. Ќе вложуваме во инфраструктура, во зелени површини, но и во младите кои живеат овде. Скопје конечно ќе биде град на среќни граѓани, истакна таа.
Таа, при посетата на Аеродром разговараше со голем број на граѓани со цел да ги слушне нивните приоритети и какво Скопје сакаат тие за себе и за нивните најблиски.
– Решенијата кои секојдневно ги дискутирам со скопјани, ја градат мојата визија за наше Скопје како град кој ќе прерасне во урбана, чиста, модерна европска метропола. А општина Аеродром е урбано, модерно и современо место на живеење, кое треба да се негува, да се инвестира во него, пред се со проекти кои ќе бидат со цел подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните, а не обратно. На Скопје му се потребни нови зелени површини, бели дробови кои ќе се справуваат со урбаното загадување. Сепак, граѓаните на оваа општина со кои сношти, но и во текот на изминатите неколку недели разговарам, се жалат на недостаток на зеленило, на лоша инфраструктура, недостаток на паркинг места. Заедно со граѓаните ќе изнаоѓаме решенија за сите проблеми. Заедно со вас скопјани ќе ги менуваме работите, во Аеродром и Скопје да се нудат решенија, а не креираат нови проблеми за граѓаните, изјави Арсовска по средбата со граѓани во Аеродром.
Како конкретни проекти за оваа општина, Арсовска најави изградба на нова гимназија во општина Аеродром, ветувано а неисполнето, изградба на нов спортски објект во средното училиште Димитар Влахов, мултимедијален центар за младите со простор за кино, театар и секаков вид на сценски изведби. Покрај ова, Арсовска истакна дека општина Аеродром важеше за чиста и зелена општина, обврзувајќи се на чистење на просторот кај Вардариште и истиот простор да прерасне во нов парк.