Арсовска потенцираше дека Шилегов се служи со такви напади затоа што од неговата програма од 2017 година во изминативе 4 години нема реализирано повеќе од 5% од програмата затоа што неговите проекти не се реализирани.
– Реализиран проект е нешто што има свој почеток и крај, нешто што ветите, ќе го почнете и ќе го завршите и ќе им дадете на скопјани како нешто што се реализирало со нивните пари. Раскопаните улици во овој момент, целиот хаос кој што се случува на 3 месеци пред избори, тоа не е реализиран проект, или 3Д анимација направена на интернет, тоа е покажување сликички. Завршен проект не е ни тендерска документација или студија, истакна Арсовска.
Таа посочи дека вистинските прашања кои треба да се прашаат е каде се тунелот, кружниот на влез на Скопје кај Сарај или каде е езерото Треска, бидејќи не се реализирани, а Скопје не е ниту зелена метропола затоа што во овој момент со Шилегов е нечист град.
– Клучни прашања кои ги интересираат сите скопјани се каде е тунелот под Кале, каде е кружниот тек на влезот на Скопје кај Сарај, дали е тоа реализиран проект? Прашајте каде е езерото Треска кое требаше да биде вратено на граѓаните и да биде ревитализирано бидејќи истото беше изградено со придонес на скопјани. Каде е „Скопје зелена метропола 2021“ , изборот заврши, а Скопје не влезе ни во потесен круг, не пак да го добие тоа признание затоа што не е зелен град, не е европска метропола и не е чист град во овој момент, рече Арсовска.
Таа исто така нагласи дека во недостиг на идеи Шилегов повторно ветува нереализирани проекти од неговата програма од 2017 година како што е овошје за секој средношколец кое не го оствари и сега пак го ветува.