Општина Илинден продолжува со реализација на инфраструктурни проекти насочени кон подобрување на патната мрежа и создавање подобри услови за развој на локалната економија. Во рамки на овие активности, целосно заврши асфалтирањето на индустриската улица „Н10“, лоцирана во локалната економска зона „Ограѓе“ во населбата Илинден.

Градежните работи опфатија изведба на сообраќајница во должина од над 300 метри, со коловоз широк шест метри и уреден пешачки тротоар покрај него.

„Со асфалтирањето на улицата „Н10“ значително се подобрува инфраструктурната поврзаност во економската зона, што е од особено значење за стопанските субјекти кои функционираат на ова подрачје. Новата улица ќе овозможи полесен пристап до деловните објекти, поефикасно одвивање на транспортот и подобри услови за секојдневно работење“, вели Георгиевски.

Реализацијата на овој проект претставува уште една значајна општинска инвестиција во унапредувањето на локалната сообраќајна инфраструктура и создавањето поволен амбиент за натамошен развој на бизнисот. Локалните власти најавуваат континуирани вложувања во модерна и функционална патна мрежа со цел унапредување на условите за работа на стопанствениците.