Компанијата Астра Зенека денеска соопшти дека постапката на Европската унија против таа фармацевтска компанија, во врска со испораката на нејзините вакцини против Ковид-19, нема правна основа и најави дека силно ќе се брани на суд.
– Астра Зенека целосно го испочитува прелиминарниот договор за купување склучен со Европската комисија и ние силно ќе се браниме пред судот. Веруваме дека каква било судска постапка е неоснована и ја поздравуваме можноста да се реши овој спор колку е можно побрзо, се наведува во соопштението.
Европската комисија претходно денеска објави дека покренала правна постапка против Астра Зенека поради непочитување на договорот за испорака на вакцини против коронавирусот и непостоење на доверлив план за обезбедување навремена достава.