Сознанијата за тоа дека поранешниот австралиски премиер Скот Морисон самиот себеси се поставил на неколку министерски позиции во текот на пандемијата на Covid-19 поттикнаа политички скандал во понеделникот, а неговиот наследник Ентони Албанесе вети брза истрага.

Албанесе го обвини својот претходник Морисон за лоши политички потези, откако се дозна дека поранешниот премиер самиот си се именувал на неколку позиции, меѓу другите и министер за здравство, за финансии и за ресурси, а за тоа не ги известил своите колеги, парламентот и гласачите.

Велејќи дека потезите на Морисон се „без преседан“, Албанесе во понеделникот изјави дека побарал правна помош, како и дополнителни информации кои ги очекува уште во текот на денот.

Станува збор за политички потези коишто би ги исмејувале да се случуваат во некоја недемократска држава. Скот Морисон ја водел владата од сенка, изјави Албанесе.

Во некои случаи Морисон се поставил самиот себеси и за заемник-министер, а за тоа воопшто не ги известил членовите на кабинетот коишто претходно ги именувал на истите позиции.

Скандалот ја стави во преден план нетранспарентноста на носењето одлуки во австралиската влада и го наметна прашањето дали се потребни построги мерки за зачувување на демократијата.

Сѐ уште не е точно утврдено на колку позиции Морисон самиот се именувал, но австралиските медиуми известуваат дека го презема управувањето со ресурсите и ја користел својата моќ за да запре важен гасен проект покрај брегот кај Сиднеј.

Конзервативците на Морисон ја загубија власта на изборите во мај, со што заврши десетгодишното владеење на десниот центар во Авсралија.