Советникот на претседателот на Азербејџан, Елчин Амирбеков, денеска изјави дека преговорите меѓу азербејџанските вооружени сили и ерменските сепаратисти од Нагорно-Карабах може да доведат до потпишување мировен договор меѓу Баку и Ереван, додавајќи дека азербејџанската страна веќе испрати нацрт на тој договор.

„На средбата во Џевлах се разговараше за форматите за реинтеграција на Ерменците од Карабах. Сметаме дека овој дијалог може позитивно да влијае на мировниот процес меѓу Ерменија и Азербејџан. Двете земји почнаа да разговараат за мировен договор кој би можел да стави крај на децениските кризи и непријателства“, рече азербејџанскиот претставник за „Скај Њуз Арабија“.

Тој додаде дека мировниот договор ќе содржи пет точки врз основа на меѓународното право и дека двете земји ќе бидат обврзани да не се мешаат во внатрешните работи на другата.

„Нацрт-мировниот договор го доставивме до ерменската страна. Ја чекаме нивната реакција“, рече Амирбеков, нагласувајќи дека нема потреба од посебен договор со Ерменците од Карабах.

Во Јевлах денеска почнаа разговорите меѓу ерменските сепаратисти и азербејџанските сили, а ерменската страна објави дека се уште има нерешени прашања, и дека се уште се работи на конечниот договор.