Политичарите и административците сметаат дека некое прашање е разрешено кога ќе се потпише меморандум или меѓународен договор за тоа, а бизнисмените дека прашањето е решено само кога ќе почувствуваат дека бирократските чекори, времето или трошокот за да завршат некоја работа им се скратени за пола. И тоа е јаз кој сѐ повеќе се зголемува меѓу нив и нас, и покрај тоа што упорно велиме дека работиме на јавно-приватниот дијалог во државата, но и во регионот. Како двете страни да гледаат некој различен филм. И просто е неверојатно во 2021 година политичките лидери сѐ уште да констатираат дека се вчудовидени од (не)соработката на граничните служби, вели во денешната колумна претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.
Во колумната по повод втората средба на „Отворен Балкан“ што се одржа во Белград, Азески нагласува дека политичките лидери мора да ризикуваат зашто досегашната пракса покажува дека најмногу грешат во примената.
-За да не останеме на меморандуми и на спогодби, потребно е да се преземе ризик и да се забрзаат процесите – тоа е голем предизвик со уште поголеми очекувања, но сигурно подобро отколку да не се преземе ништо. Некои луѓе се познати по своите знаења, вештини и искуства, додека, пак, други по својата храброст и решителност да влијаат врз општествениот развој. Тоа се вика ризик. Во свет кој се менува со огромна брзина единствена стратегија што е гарант за неуспех е воопшто да не се ризикува. Ние бизнисмените решивме да ризикуваме и го поддржавме „Отворен Балкан“, па затоа со целосно морално право бараме тоа да го направат и политичките лидери, наведува Азески.
Тој посочува дека досега имаше 72 иницијативи и обиди за регионално подобрување на соработката.
-Што е економскиот ефект од сето тоа? Во периодот 2014 – 2020 година БДП на регионот пораснал за само 28 отсто, БДП од глава на жител за 30,8 проценти, а извозот од 32 пораснал на 43,9 милијарди евра. Но, во тие бројки на интрарегоналната размена отпаѓаат само 16,7 отсто. Во 2020 година размената со земјите од Западен Балкан, на пример кај нас, учествува со 10,2 процента од вкупната размена на нашата држава. Едно е неспорно – сите сме согласни дека долгорочна визија за стабилен и за победнички Балкан е креирањето регион каде што границите се од помало значење, а протокот на луѓе, стоки и на капитал е слободен. Иницијативата „Отворен Балкан“ постави заложби конечно да се разрешат многу од прашањата што со години ги измачуваат регионалните бизниси. И лидерите на трите држави кои се засега вклучени во иницијативата изразија силна поддршка да се спроведе тоа. Она што е уште поважно е фактот дека ова е автентична регионална иницијатива, која потекнува изворно од регионот, а не форсирана од некого отстрана. За ова да профункционира, потребно е да се влезе во ризик, подвлекува претедателот на Комората