Дипломатска делегација на Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје оствари официјална работна посета на фармацевтската компанија „Алкалоид“ АД Скопје. Домаќин на средбата беше генералниот директор и претседател на Управниот одбор, Живко Мукаетов.
Делегацијата беше предводена од вршителот на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД, Никол Варнс, во придружба на економскиот советник Барнабас Биркеланд.
Во рамките на работната средба, претставниците на амбасадата имаа можност подетално да се запознаат со развојниот пат и современото работење на компанијата, финансиските и производствените резултати, како и клучните стратешки определби што вклучуваат извозна ориентација, капитални инвестиции, вложувања во едукација и развој и примена на ESG-стандардите. За време на посетата беа обиколени Музејот на компанијата, производствените капацитети на ПЦ Фармација и Институтот за истражување и развој.
Посебен акцент за време на средбата беше ставен врз деловните операции и соработката со американските партнери, со оглед на тоа што „Алкалоид“ е присутен на американскиот пазар преку својата подружница во Њу Олбани, Охајо, веќе 21 година. Покрај пласманот на чаевите од програмата Good Nature и детската козметика од брендот Becutan, компанијата има воспоставено соработка со познати американски фармацевтски брендови преку лиценцно производство, маркетиншко застапување и авторизации за дистрибуција.
Соработката со водечките фармацевтски субјекти како Medtronic и MSD, како и со мултинационалните компании од областа на билкарството, има големо стратешко значење. Американскиот пазар со строгата регулаторна рамка и високите стандарди за квалитет претставува важен столб во зајакнувањето на меѓународното присуство.
Работната посета претставува потврда за зајакнување на деловните врски и продлабочување на економските релации со партнерите од Соединетите Американски Држави.
