Пензионерите и другите клиенти на Алта банка што немаат платежни картички ќе можат да подигнуваат по 20.000 денари со едно одење на шалтер. Оваа мерка ја најави гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, при своето гостување на ТВ Телма.

За клиентите што подигнуваат пари со платежни картички останува на сила неделниот лимит од 10.000 денари. Исплатата на шалтер ќе овозможи одеднаш да се повлече износот што е предвиден за две недели.

Славески објасни дека во тек е подготовка на список на клиентите без платежни картички, категорија во која спаѓаат околу 3.500 пензионери. Сите тие треба да бидат известени најдоцна до среда за можноста за подигнување на готовината преку банкарските шалтери.

„Ќе ја промениме одлуката само за нив, заради логистика, односно да не доаѓаат почесто, да можат да подигнат поголема сума. На пример, со едно одење на шалтер да можат да подигнат 20.000 денари, кое би покрило две недели“, рече Славески.

Посебната организација и новиот начин на исплата приоритетно ќе се реализираат во Битола, каде што се наоѓа најголемата концентрација на штедачи на оваа финансиска институција.

Гувернерот појасни дека ограничувањето од 10.000 денари за повлекување готовина преку банкомати е на неделно ниво. Бидејќи месецот ноември опфаќа вкупно пет недели, клиентите со картички ќе имаат можност да подигнат вкупно до 50.000 денари.

„Размислувавме околу износот. Се одлучивме за тој износ бидејќи сметавме дека е оптимален, во рамки на просечната плата и просечната пензија. Тоа е повеќе од доволно, затоа што имаме вонредна ситуација во која треба трпение за банката“, додаде Славески.

Претходно, Народната банка донесе одлука за воведување привремена администрација во Алта банка АД Битола. Мерката има карактер на привремена заштита со цел банката да продолжи со непречено функционирање, средствата на штедачите да останат безбедни на нивните сметки и целосно да се заштитат интересите на сите депоненти до финализирање на промената на сопственичката структура.

Славески апелираше до јавноста и до граѓаните да бидат спокојни и да имаат целосна доверба во институционалниот систем, потенцирајќи дека заштедите се сигурни на сметките и постои цврста гаранција дека никој нема да ги изгуби своите средства.

„Располагањето е ограничено во еден ограничен временски период во кој треба оваа состојба да се надмине. Забранети се сите можности за изнесување на капитал од банката. Да почекаме да видиме какви се тендециите“, кажа Славески.