Асоцијацијата на Балкански комори е здружение на 10-те стопански комори од Балканскиот регион (членки и не-членки на европската Унија), кое следната година ја одбележува 30-та годишница од своето постоење.
На следната Седница на Асоцијацијата на Балкански комори, која ќе се одржи следната недела, на 13 декември 2023 година во Солун, Грција, ќе биде потврден изборот на претседателот на Стопанската комора Бранко Азески за претседател на Асоцијацијата во следната година. На седницата ќе се расправа и за актуелните прашања од економското опркужување на земјите од Балканот, вклучувајќи ги перспективите на Балканските земји да се приклучат на Европската Унија и Еврозоната, како и пршањето за трговската и економската интеграција на земјите од регионот.
Главен фокус во рамки на претседателството на Асоцијацијата на Балкански комори под водство на Азески во следната година ќе биде прашањето за инфраструктурата и поврзаноста помеѓу балканските земји, и на тој начин, активностите на Асоцијацијата на Балкански комори ќе се надоградат на портфолиото на регионалните организации кои во својот обем на активности веќе опфаќаат различни сегменти од регионалната економска соработка (Коморскиот инвестициски форум, Регионалниот Совет за Соработка, ЦЕФТА Секретаријатот и Секретаријатот на транспортната заедница).
Асоцијацијата на Балкански комори (АБК), е основана во 1994 година во Романија, со цел создавање интеграција и развој на стопанската соработка во регионот. Членки на АБК, покрај Стопанската комора на Македонија, се и Стопанската комора на Албанија, Стопанската комора на Бугарија, Надворешно – трговската комора на БиХ, Стопанската комора на Црна Гора, Унијата на трговско-индустриските комори на Грција, Стопанската комора на Кипар, Стопанската комора на Романија, Стопанската комора на Србија и Унијата на Комори и стокови берзи на Турција.