Потребно што побрзо да се апстрахираме од деструктивниот процес на „балканизација“ со кој на различни нивоа се занимаваа различни чинители во регионот (термин што веќе се вдоми во професионалната терминологија и се користи за означување процес на атомизација на помалите единици, кои честопати се непријателски настроени едни кон други). Коморскиот инвестициски форум (како здружение на Стопанските комори од регионот на Западен Балкан, вклучително и Стопанската комора на Северна Македонија, кој започна во 2015 година, во рамките на Берлинскиот процес), ќе има клучна улога во овој процес, вели претседателот на Стопанската комора Бранко Азески во интервју за МИА.
Секогаш има премногу историја на Балканот и премалку заеднички бизнис, додека новите генерации бараат тоа да се промени. Проблемот е во тоа што недостасуваше политичка волја за нивно решавање.
Актуелните политички елити на Србија, Албанија и Северна Македонија сега имаат политичка волја да ги решат економските проблеми и затоа ги повикувам бизнисмените од регионот да го искористат тој момент и да се обединат за да го направат потребниот чекор кон успешна интеграција.