Балканот има потреба од дебалканизација преку европеизација, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од Софија, каде што учествуваше на самитот на шефови на држави и влади на Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Таа повика на обновување на духот на регионалната соработка и враќање кон принципите врз кои пред три децении беше воспоставен овој процес.
Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова предупреди дека Југоисточна Европа се соочува со сериозни предизвици, меѓу кои масовното иселување на младите, стареењето на населението, економското заостанување и влошените геополитички околности. Според неа, овие проблеми бараат храбро и одговорно лидерство, засновано на солидарност и заеднички интереси, наместо на тесни и парцијални политики.
Претседателката истакна дека процесот на проширување на Европската Унија мора доследно да се темели на Копенхашките критериуми, а динамиката на пристапувањето да зависи исклучиво од напредокот во спроведувањето на реформите. Повикувајќи се на мислата на бугарскиот писател Георги Господинов дека „кога вратите на иднината се затвораат, минатото станува единствената татковина“, таа нагласи дека европската интеграција претставува природна, но и геополитичка и безбедносна неопходност.
„Балканот има потреба од дебалканизација преку европеизација. Европската интеграција претставува природна, но и геополитичка и безбедносна неопходност“, порача Сиљановска-Давкова, додавајќи дека стабилен, просперитетен и европски Балкан е во интерес и на земјите од регионот и на самата Европа.
Таа нагласи дека успехот на секоја држава треба да се доживува како успех на целиот регион. „Наместо во блокади и поделби, треба да се натпреваруваме во знаење, иновации, култура и економски развој“, порача Сиљановска-Давкова, повикувајќи на поголема регионална одговорност како предуслов за предвидлива и сигурна заедничка иднина.
Во рамки на посетата, Сиљановска-Давкова вчера попладне се сретна и со бугарската потпретседателка Илијана Јотова, средба што се следи како можност за продолжување на политичкиот дијалог меѓу двете соседни држави.
Вчера претпладне, на министерската средба во рамки на ПСЈИЕ, се обрати и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Тој порача дека е важно земјите да гледаат кон иднината и да не се фокусираат на прашања од минатото поврзани со идентитетот, историјата и јазикот.
„Важно е да гледаме кон иднината и да не се фокусираме на прашања од минатото поврзани со идентитетот, историјата и јазикот, бидејќи имаме иднина што треба да нè обедини“, порача Муцунски.
Осврнувајќи се на францускиот предлог од 2022 година, Муцунски посочи дека Македонија има различно толкување на обврските што произлегуваат од него и нагласи дека односите со Бугарија мора да се градат врз меѓусебна доверба. Тој додаде дека земјава изработила акциски план за малцинствата во соработка со експерти на Советот на Европа, кој ги опфаќа сите заедници во државата.
Според Муцунски, клучно за напредокот на евроинтегративниот процес е јасно да се дефинира дека во иднина нема да се појавуваат нови билатерални условувања поврзани со историјата, идентитетот и јазикот, оценувајќи дека токму тие прашања се најчест извор на недоразбирања меѓу Македонија и Бугарија.
„Нашата цел не е само да ги отвориме пристапните преговори, туку и успешно да ги затвориме. За тоа е важно да знаеме дека нема да има дополнителни условувања поврзани со историјата, идентитетот и јазикот“, нагласи Муцунски.
Во завршницата на своето обраќање, министерот порача дека со дијалог, меѓусебно почитување и политичка волја може да се надминат сите отворени прашања и да се зајакне европската перспектива на регионот. Напредокот кон ЕУ го оцени како заеднички интерес и на Скопје и на Софија.
„Цврсто сум убеден дека силните идентитети немаат потреба да се градат преку напади на туѓите идентитети. Во Европа во 21 век треба да имаме капацитет да ги негуваме нашите различности и да не се врзуваме за прашања од минатото поврзани со идентитетот, историјата и јазикот“, истакна Муцунски.
Тој додаде дека за Македонија е важно да знае дека нема да има дополнителни барања поврзани со историјата, идентитетот и јазикот, како и други билатерални прашања што би се појавиле по отпочнувањето на преговорите. Како пример ги посочи прашањата поврзани со историските комисии, оценувајќи дека тие не се европски темелни прашања.
„Затоа велам, добро е да разговараме и да расчистиме што се очекувањата од двете страни бидејќи, сепак, има еден силен билатерален елемент во сето ова. Тука се најголемите недоразбирања“, истакна Муцунски.
Паралелно со овие пораки, Македонија од јубилејниот самит на Процесот за соработка во Југоисточна Европа во Софија очекува потврда дека европската интеграција на регионот ќе остане врвен приоритет на Европската Унија и дека процесот на проширување ќе се води според принципите на заслуги, предвидливост и почитување на преземените обврски.
Во услови на зголемени безбедносни предизвици, војна на европско тло, хибридни закани и економска неизвесност, Скопје смета дека интеграцијата на Западен Балкан повеќе не е само политичко прашање, туку и стратешки интерес за стабилноста и безбедноста на целиот континент.
Од Софија се очекува и порака за поголема регионална поврзаност, забрзан економски развој и посилна соработка меѓу државите од Југоисточна Европа како предуслов за нивна побрза европска интеграција.
Проширувањето на Европската Унија, како што порача Муцунски на состанокот на шефовите на дипломатиите на ПСЈИЕ во Софија, повеќе не смее да се гледа како бирократска процедура, туку како прашање на европска безбедност и стабилност. Во време кога Европа се соочува со војна на својот континент, хибридни закани, дезинформации, енергетска несигурност и сајбер-напади, интеграцијата на Западен Балкан станува стратешки интерес и за Унијата и за регионот.
Муцунски порача дека „безбедна и просперитетна Европа не може да биде целосна без целосна интеграција на Западен Балкан“, нагласувајќи дека кредибилитетот на процесот зависи од тоа дали Европската Унија ќе ги почитува сопствените принципи. Тој оцени дека заслугите мора да имаат значење, обврските да се почитуваат, а европскиот пат да биде предвидлив и заснован на резултати.
Министерот ја нагласи и важноста на ПСЈИЕ како една од ретките автентични регионални платформи создадени од земјите од регионот, оценувајќи дека токму преку вакви механизми се гради доверба во време на сериозни геополитички предизвици.
На состанокот во Софија доминираа темите за европската перспектива, безбедноста, економскиот развој и отпорноста на регионот. Учесниците ја потврдија потребата од поинтензивна регионална соработка, оценувајќи дека стабилноста и напредокот на Западен Балкан се директно поврзани со евроинтегративниот процес.
На крајот беше усвоена Заедничка декларација со која земјите членки ја реафирмираа поддршката за европската интеграција, добрососедските односи, демократските вредности и создавањето поотпорен и поконкурентен регион.
