Министерот за економија Крешник Бектеши потврди дека е запознаен со проблемот со издавање лиценци за угостителите, односно за друштвата кои менаџираат со ноќни клубови и летните дискотеки и истакна дека се чека на добивање позитивно мислење од Министерството за внатрешни работи.

-Да информиран сум. Во моментот кога ќе добиеме позитивно мислење од страна на МВР согласно процедурата на издавање на лиценци, веднаш истиот ден сите тие угостителски објекти кои ги исполнуваат условите, секако дека ќе ги добијат тие лиценци. Додека немаме мислење од страна на МВР кое е предвидена и со Закон, ние немаме законско право да ги издаваме тие лиценци, рече Бектеши на новинарско парашање на денешната прес-конференција.

Претседателот на Независната угостителска комора (НУК), Здравко Јосифовски претходно, денеска на прес – конференција упати барање до Владата, Министерството за економија и Министерството за внатрешни работи за решавање на моменталната ситуација со ненавременото издавање, односно неиздавање лиценци на друштвата кои ги менаџираат ноќните клубови, кабареа и летните дискотеки во Скопје.

НУК проблемот го лоцираат во МВР кое треба да даде согласност и бараат Владата во координација со министерствата да организира заедничка средба со сите засегнати страни и на друштвата што ги исполнуваат условите за работа да им се издадат лиценци.