Добредојден е секој енергетски капацитет кој е на територијата на државава без разлика дали е приватна или државна инвестиција, бидејќи придонесува за зголемување на домашните капацитети за производство на електрична енергија, истакна денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Електроенергетскиот систем не се менаџира потешко кога капацитетите ги имате внатре во државата отколку кога ги немате. Кога ги немате капацитетите сте зависни од други држави и од регулативи, како и од можни забрани што може да се воведат, рече Бектеши во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Нагласи дека пред десетина години имаше забрана за проток на електрична енергија од страна на Бугарија поради што не можеше да се користи интерконекторот.

Доколку капацитетот за производство на електрична енергија ни е дома таква забрана не може да постои и никој не може да влијае на независноста на енергетскиот сектор во нашата држава. Во делот на количините како обврска тоа е регулирано со Законот за енергетика и Владата на секоја седница може да донесе одлука со која ќе ги обврзе трговците одредени количини да ги снабдуваат на домашниот пазар, прецизира Бектеши.