Состанок на Министерскиот совет на Енергетската заедница (ЕЗ) во Белград, јави дописникот на МИА од Белград.
Тој ги презентираше успешните резултати посебно во делот на практичното спроведување на првите аукции за доделување на премиум тарифи за изградба на фотонапонски централи, процес кој беше поздравен од сите меѓународни институции.
Министерот информираше дека во фаза на градба се веќе 60 мегавати на фотонапонски електрани по пат на премиум тарифи, и 100 мегавати во Осломеј по пат на јавно приватно партнерство кои ќе го заменат РЕК „Осломеј“.
-Првата фотонапонска електрана на „ЕСМ“ во Осломеј од 10 мегавати е готова, значи станува збор за 170 мегавати електрани на сонце или 10 пати повеќе од 17-те мегавати изградени во претходните 11 години. Со изградбата на две по 50 мегаватни електрани во Осломеј на приватни инвеститори, како и на две по 10 мегавати сопствена инвестиција на „ЕСМ“, ја правиме првата енергетска транзиција на електрана на јаглен со фотонапонска електрана, што е пример за останатите земји во регионот на Западен Балкан и на Југоисточна Европа, рече Бектеши.
Донесовме, додаде, Закон за стратешки инвестиции, според кој веќе неколку сериозни инвеститори ќе реализираат големи проекти за стратешки инвестиции како што се „WPD“ од Германија за изградба на 415 мегавати ветерна електрана, „EFT Group“ за изградба на 80 мегавати фотонапонска електрана, Акуо Енерџи“ (Akuo Energy) од Франција за изградба на најголемиот соларен парк од 350-400 MW во земјата.
-Ова за нас е показател дека добро сме ги сработиле реформите, сме ја донеле потребната легислатива и сме создале услови за инвестирање, тоа е суштината на постоењето на владите и администрацијата, да создадат фер услови за сите, кажа министерот Бектеши.
Примената на обновливите извори на енергија и енергетска ефикасност се дело од рамките на реализацијата и на Зелениот договор на Европската Унија кој има јасна цел – климатски неутрална и поотпорна Европа до 2050 година.
И нашата земја го поддржува Европскиот зелен договор за одржлива економија преку претворање на климатските и еколошките предизвици во можности и правење на транзиција, праведна и инклузивна за сите.
На состанокот со кој претседаваше српската вицепремиерка Зорана Михајловиќ се дискутираше за повеќе теми од енергетиката, кои се опфатени со Договорот за основање на Енергетската заедница, меѓу кои статусот на имплементација на Договорот во областите електрична енергија, природен гас, обновливи извори на енергија, клима, енергетска ефикасност, животна средина. На крајот преку гласање на сите земји беше назначен Артур Локовски за нов директор на Секретаријатот на Енергетска заедница.
По завршувањето на Министерскиот состанок, Бектеши оствари билатерална средба со потпретседателката на Владата на Србија и министерка за рударство и енергетика Зорана Михајловиќ.
На средбата беше изразена поддршката на двете земји за зголемување на соработката во енергетскиот сектор преку проекти за регионално поврзување. Министерот Бектеши истакна дека зголемувањето на билатералната соработка помеѓу Македонија и Србија е од клучна важност за растот на економиите на двете земји.