Прагматични решенија треба да се бараат во рамките на Шенген правилата за проблемот на возачите на камиони од Западен Балкан кои се соочуваат со тешкотии по воведувањето на дигитален систем за контрола на границите на Европската унија, изјави во вторникот портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламерт.

„Постои пат да се помине и да се најдат прагматични решенија во рамките на постојните Шенген правила, на пример со аплицирање за долгорочни визи, како и дозволи за престој или, во некои ограничени случаи, да се сметаат возачите за прекугранични работници“, рече Ламерт.

„Свесни сме дека на некои работници од трети земји кои не се прекугранични работници треба да им се дозволи да останат во Шенген зоната подолго од 90 дена во рок од 180 дена, што вклучува професии кои се потпираат на висока мобилност, како што се возачите на камиони, но и спортистите и уметниците“, рече Ламерт, додавајќи дека за ова постојат „национални правила и билатерални договори, така што постои пат за прагматични решенија во рамките на постојните Шенген правила“.

Транспортерите од Западен Балкан протестираат со месеци по воведувањето на дигитален систем за гранична контрола, бидејќи нивните возачи на камиони се третираат како сите други патници кога преминуваат во земја од Шенген зоната, што значи дека тие подлежат и на правилото дека можат да останат во ЕУ максимум 90 дена во период од шест месеци.

Последниот од низата протести се одржаа вчера во Скопје и во Сараево, каде што професионалните возачи и транспортери од Босна и Херцеговина протестираа пред седиштето на делегацијата на Европската унија.

Од тие протести произлегоа информации дека денеска во Брисел ќе се одржи нов состанок со претставници на Европската комисија, но портпаролот Ламерт не можеше да ја потврди точноста на оваа информација.

Во своите барања, транспортерите истакнуваат дека нивните возачи не се ниту туристи ниту мигранти и бараат исклучок од ова правило, во спротивно се закануваат дека ќе го ескалираат протестот и ќе ги блокираат граничните премини.

Портпаролот Маркус Ламерт истакнува дека воведувањето на системот за влез и излез не воведе нови правила, бидејќи претходно беше случај граѓаните на трети земји кои се ослободени од барања за виза да можат да останат максимум 90 дена во период од шест месеци.

„Системот за влез и излез не воведува никакви нови правила, но овозможува подобро спроведување на овие правила, го прави она што се случува на нашите граници потранспарентно“, вели портпаролот.

Нагласи дека Комисијата останува отворена за дискусија за тоа што може да се направи во рамките на постојните правила, но дека „Шенгенските правила ќе продолжат да важат“.