Американскиот претседател Џо Бајден утре ќе разговара со својот кинески колега Си Џинпинг за билатерални прашања, вклучително и руската инвазија врз Украина, соопшти Белата куќа.

Пекинг одби да го осуди својот близок сојузник Русија поради инвазијата врз Украина, истовремено обвинувајќи ги САД и проширувањето на НАТО кон исток за влошување на тензиите.

– Двајцата лидери ќе разговараат за конкуренцијата меѓу нашите две земји, како и за војната на Русија против Украина и за други прашања од взаемен интерес, се вели во соопштението на Белата куќа.

Кина е под силен дипломатски притисок од САД. Советникот за национална безбедност на САД, Џејк Саливан и Јанг Џиечи, главен дипломат на кинеската Комунистичка партија, се сретнаа во хотел во Рим оваа недела, на, како што беше оквалификувано во Белата куќа – „значителна” седница.

СAД подоцна изразија загриженост за, како што го нарекоа, „усогласување” меѓу Русија и Кина.