Политичките партии во белгискиот Парламент се согласија за формирање парламентарна анкетна комисија што ќе ги истражува појавите на сексуална злоупотреба во Католичката црква, објави белгискиот весник „Њусблад“.
Претседателката на парламентарната Комисија за правда Кристиен Ван Варенберг информира дека ова прашање ќе се најде на комисиска седница следната среда.
Предлогот за расправата ќе го ставам на дневен ред на Комисијата за правда. Важно е заедно да ја договориме истрагата, бидејќи резултатите од неа не смее да ги разочараат жртвите или нивните најблиски, објави Варенберг на социјалната мрежа X.
Како што објави „Брисел Тајмс“ за денеска е најавена и средба на белгискиот премиер Александер Де Кро и министерот за правда Винсент Ван Квикенборн со претставници на жртвите на сексуална злоупотреба од страна на свештеници.
Според најавите од Кабинетот на белгискиот премиер, Де Кро и Ван Квикенборн ќе имаат средба и со бискупот од Антверпен и прв човек на Бискупската конференција на Белгија, Јохан Бони, посветена на ова прашање.
Иницијативата за формирање на анкетната комисија ја покрена фламанската социјалдемократска партија Напред, чиј лидер Конор Русо изјави дека бараат проширување на дебатата, но и да се разговара за прашањето за субвенциите што ги добива Црквата.
Зошто Белгијците да продолжат да плаќаат за плати на свештениците, кои толерираат, па дури и прикриваат, криминално однесување во нивната организација, изјави Русо.
Во врска со иницијативата се огласи и партијата Зелени, која наведе дека ќе иницираат да се воспостави механизам што ќе гарантира дека жртвите на сексуалната злоупотреба ќе бидат соодветно обесштетени.
Дали се вршени непотребни притисоци? Дали се направени грешки? Ова треба да го разјасни парламентарната анкетна комисија, изјави копретседателот на Зелените, Џереми Ванекхаут.
Пратеничката од десничарската Нова фламанска алијанса (НВА), Софи Вилмс, пак, изјави дека Парламентот е во служба на своите граѓани.
Уште еднаш ќе се посветиме на сите овие неодговорени прашања и на оваа колективна болка, додаде Вилмс.
Иницијативата за формирање на анкетната комисија беше покрената по емитувањето на документарниот филм на фламанската телевизија ВРТ под наслов „Заборавив на Бога“, кој говори за она што го преживеале неколку жртви на сексуална злоупотреба од страна црковни лица и кој предизвика жестоки реакции во јавноста.
По емитувањето на филмот се огласи и бискупот Бони, кој вината за овие настани ја префрли на претходната генерација лидер во Католичката црква во Белгија.
Ја обвинувам претходната генерација што не ги реши овие проблеми, изјави Бони за ВРТ.
Тој воедно го обвини поранешниот кардинал Годфрид Данилс за „недостиг на лидерство’.
Не можете да дозволите овие работи да поминат така. Тој требаше да реагира, изјави Бони, додавајќи дека за оваа прашање очекува поголема поддршка од Ватикан.