Србија потпиша документ за пристапување кон Договорот за пријателство и соработка во југоисточна Азија.

Документот е потпишан на церемонијата во главниот град на Индонезија, за време на 43. самит на Сојузот на држави од југоисточна Азија (АСЕАН), што се одржа неделава. Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, рече дека овој настан е од големо значење за натамошното унапредување на соработката со пријателските земји.

– Овој договор не влијае на европските интеграции на Србија и не е во спротивност со таа цел. Сакаме да бидеме членка на Европската Унија. Ние не сме држава што е членка на АСЕАН, а пристапуваме кон овој договор на начин како што направија и другите земји, изјави Дачиќ

Српскиот министер за надворешни работи потсетува дека Србија како еден од приоритетите го има поставено пристапување кон различни регионални иницијативи. Начелата на кои Србија се придржува во изминатите години и начелата на членките на АСЕАН се исти и тие се однесуваат на заемно почитување на независноста, суверенитетот, еднаквост, територијалниот интегритет и националниот идентитет на сите народи, немешање во внатрешните работи во другите држави, преовладување на сите разлики по мирен пат.

Државите-членки на АСЕАН во јули годинава едногласно го одобрија пристапното барање на Србија кон Договорот за пријателство и соработка во југоисточна Азија.
-Членки на оваа организација се: Индонезија, Филипини, Малезија Сингапур, Тајланд, Камбоџа, Лаос, Виетнам, Брунеи и Мјанмар. Соработката со овие земји вклучува присуство во различни мрежи и платформи, и придонесува за промовирање на соработката во економските, социјалните и културните подрачја на Србија, нагласи Дачиќ.