Нагласи дека постојано се следи што се случува на европскиот енергетски пазар и како тоа се одразува врз цените и така се креираат соодветни реакции.

-Веќе пет милијарди денари се издвоени од Буџетот за АД ЕСМ и тоа за делот на зголемување на сопствено производство во смисла на дополнителна набавка на јаглен, по потреба и набавка на електрична енергија. Исто така, се вклучи во употреба и ТЕЦ Неготино. Во буџетот за 2022 година предвидени се дополнителни 10 милиони евра за докапитализација на ЕСМ, а се проширува и програмата во опфатот за антикризни мерки за КОВИД и за мерки за други кризи во земјата каде што ќе има резервирано околу 90 милиони евра. Има дополнително предвидени 30 милиони евра во Програмата за зелен развој со кои ќе може да се поддржат енергетските компании за енергетски обновливи извори за енергија ќе значи дополнително олеснување од аспект на обезбедување  доволно електрична енергија со цени што ќе може да го ублажат ефектот на светските берзи, рече Бесими во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Цената на чинење во овие домашни производни капацитети во оваа фаза, потенцира, се уште е пониска од цената на електрична енергија на светските пазари и со тоа, додаде, се влијае врз ублажување на ценовниот ефект од енергетската криза на глобално ниво и на европските пазари.

-Колку ќе изнесува цената на струјата по 1 јануари официјално ќе одлучи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), која како независно регулаторно тело ќе процени според билансите на компаниите, рече Бесими.

Посочи дека на регулираниот пазар покрај домаќинствата влегуваат и околу 85 илјади претпријатија во земјата и додаде дека мерките што се преземаат ќе значат олеснување и за тие компании. Потсети дека Владата во јуни годинава со цел да се намали ценовниот шок веќе донесе одлука за намалување на ДДВ за електричната енергија од 18 на 5 отсто што ќе важи до јуни наредната година кога ќе се зголеми на 10 отсто, а во јуни 2023 година повторно ќе се врати на 18 отсто.

-Дополнително, во рамките на постојната Програма за поддршка на социјално загрозените категории во земјата, каде се вклучени околу 35 илјади семејства и девет илјади пензионери со пониски пензиски примања, предвидена е помош за енергенси, односно за електрична енергија од 1.000 денари месечно за што во рамките на Министерството за труд и социјална политика веќе има предвидено средства. Покрај тоа,  Министерството за економија во координација со МТСП и Светска банка разговара за соодветно дизајнирање дополнителни мерки во рамките на овој предвиден буџет, рече Бесими.

Потсети дека веќе има и времени мерки  донесени од страна на Владата за цените на основните прехранбени производи кои ќе важат до крајот на јануари.