Министерството за финансии обезбеди 560 милиони евра за завршување на последната делница од железничката пруга на Коридорот 8 до границата со Р Бугарија. Средствата се обезбедени од Европската инвестициска банка во износ, Европската банка за обнова и развој, од ЕУ преку ВБИФ грант и преку ИПА програмата.

„Со ова го заокружуваме финансирањето на проектот за изградба на железничката пруга од Коридорот 8 до границата со Република Бугарија. Обезбедивме средства во износ од 175 милиони евра од Европската инвестициска банка, исто така, 175 милиони евра од Европската банка за обнова и развој, грант во износ од 149 милиони евра од ЕУ преку ВБИФ и 60,77 милиони евра преку ИПА програмата. Тоа е значајна финансиска поддршка за реализација и завршување на овој децениски проект“, рече министерот Бесими по потпишување на Договорите за заем со ЕИБ и ЕБОР во Скопје.

Тој додаде дека со реализација на оваа последна фаза од проектот РС Македонија ќе добие подобра железничката инфраструктура, подобри услови за работа на компаниите, полесен транспорт на стоки и превоз на патници, како и поттикнување на развојот.

Овој проект е дел од најавениот инвестициски циклус што ќе се реализира во наредниот период преку јавниот сектор и тој ќе биде истовремено моторот на економскиот раст. За тој инвестициски циклус во наредната година во буџетот се предвидени 733 милиони евра.

Договорите за заем со ЕИБ и ЕБОР беа потпишани, откако претходно беа усвоени законските решенија во Собранието.