Предвидлива законска рамка, стабилно снабдување со енергија и достапни финансиски инструменти се неопходни за декарбонизација на индустријата и зајакнување на конкурентноста на економијата. Ова го порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на панел-дискусијата посветена на декарбонизацијата на индустријата, технологиите и финансирањето, соопшти нејзиниот Кабинет.

На конференцијата организирана од Стопанската комора и УНДП под наслов „Индустријата и животната средина: профитот не е единствената цел“, Божиновска истакна дека државата мора да обезбеди поефикасни институционални процедури и побрза реализација на енергетските инвестиции со цел компаниите да можат долгорочно да планираат и да функционираат во стабилни услови.

„Ние треба да направиме законска рамка за да може да има поголеми инвестиции. Би било многу убаво кога компаниите би знаеле во следните пет години колкав ќе биде нивниот трошок за електрична енергија, наместо секојдневно да ја следат берзата и да се соочуваат со неизвесност. Тоа е ризик за секоја компанија, особено за оние каде што електричната енергија претставува значителен дел од трошоците. И приватните и државните компании треба да можат да планираат. Наша задача е да овозможиме предвидливост, да бидеме пофлексибилни и да ги скратиме процедурите, за компаниите да можат да инвестираат и да се развиваат“, истакна Божиновска.

Таа посочи дека согласно Националниот план за енергетика и клима, за реализација на предвидените мерки до 2030 година се потребни околу 10 милијарди евра, при што 26 од вкупно 61 мерка директно се однесуваат на процесот на декарбонизација.

Како клучни механизми за поддршка на енергетската транзиција, Божиновска ги издвои јавно-приватните партнерства и Платформата за праведна транзиција, преку која пред меѓународните финансиски институции се презентираат проекти од енергетскиот сектор за нивно идно финансирање.

Во рамки на своето обраќање, таа го нагласи и значењето на механизмот за јаглеродно прилагодување на границите на Европската Унија (CBAM), информирајќи дека ресорното Министерство активно работи на воспоставување на потребната законска и институционална рамка за негово спроведување.

Божиновска потенцираше дека гасната интерконекција со Грција, енергетското поврзување со Албанија и понатамошната интеграција на регионалните електроенергетски пазари претставуваат клучни стратешки проекти за обезбедување поголема енергетска сигурност и зголемување на конкурентноста на домашната економија.