Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ најави конкретни иницијативи за обезбедување директна и реална институционална заштита на жртвите од семејно насилство. Во рамки на кампањата „16 дена активизам“, под мотото „Сплотени дејствуваме, одлучни против насилството“, беше посочено дека законските измени водат кон систем кој ги штити настраданите наместо да ги остава сами.
Претседателката на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ и член на Извршниот комитет, Марија Митева, истакна дека политичката одговорност мора да се докажува преку дела и постојан институционален притисок.
„Сакам да бидеме јасни дека апсолутно како Унија на жени застануваме против насилството со сите свои механизими, дека ќе зборуваме, ќе се обидеме да делуваме превентивно, дека ќе се обидеме да ја поткренеме свеста против овие појави, дека ќе се обидеме да ги охрабруваме жртвите да ги пријавуваат насилниците, дека „ќе им дишеме во врат”, практично кажано на институциите, побрзо и подостојно да реагираат во секое време, но се разбира дека и од нас се очекува како УЖ да преземеме конкретни чекори“, изјави Митева.
Митева објави дека во претстојниот период партиското тело ќе воспостави постојана телефонска линија преку која граѓаните ќе можат да се консултираат со правни стручњаци за своите права и за постапките пред институциите.
„Сакам во оваа прилика да најавам и да се заблагодарам на претседателот Мицкоски за поддршката, дека Унијата на жени во следниот период ќе објави телефонски број, телефонска линија за пријавување на насилство, се со цел да се обезбеди бесплатно правно советување, правни совети и правна помош за жртвите од семејно насилство. Сето тоа ќе го разработиме со правната комисија во рамки на партијата, ќе им дадеме, пред се насока, како тоа треба да постапат во моментите кога се чувствуваат безнадежни, во моментите кога имаат страв од тоа што следи, во моментите кога не ги знаат процедурите или не знаат точно каде да се обратат, кога стравуваат за својот живот, за животот на своето дете, ќе успееме се разбира во согласност на достоинствен и на доверлив начин истото тоа да го го направиме преку соодветни правни механизми коишто ќе ги ставиме на располагање“, порача Митева.
Таа на крајот потенцираше дека иницијативите ќе продолжат континуирано, бидејќи само преку конкретна помош може да се обезбеди вистинска сигурност за секоја жена.
