„Безбеден град“ стартува од февруари, наместо од јануари
Системот за санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“ официјално ќе започне да функционира од февруари идната година. Со тоа, почетокот на проектот се одложува за еден месец во однос на првичните најави дека неговата примена ќе започне од јануари.
Тест периодот покажа потреба од унапредување
Можноста за одложување неодамна ја најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, по започнувањето на тест периодот. Тој посочи дека дел од функционалностите на системот имаат потреба од дополнително унапредување пред неговото целосно пуштање во употреба.
Каде ќе се применува и како ќе функционира системот
Како што информира МВР, „Безбеден град“ од февруари ќе започне да се применува во Скопје, Тетово и Куманово, како и на делници од автопатските коридори 8 и 10, потврди Министерството за внатрешни работи за „360 степени“. Системот ќе функционира преку фиксни камери за регистрирање на брзина, поминување на црвено светло и нерегистрирани возила, а ќе биде надополнет и со специјализирани полициски возила опремени со уреди за снимање, кои ќе евидентираат непрописно паркирање и други сообраќајни прекршоци.
