Безбедноста на објектите во кои престојуваат деца е потврдена, изјави Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС. По спроведени вонредни контроли, тој увери дека сите училишта, градинки, спортски сали и јавни установи се во соодветна состојба. Но, предупреди и дека постои сериозен ризик кај станбените објекти, каде често недостига основна противпожарна опрема.

Безбедноста на објектите каде престојуваат деца е потврдена

„Извршивме вонредни инспекции на сите објекти во кои се згрижуваат или се собираат деца – градинки, училишта, културни домови, спортски сали. Сакам да ги уверам граѓаните дека тие објекти се безбедни и нема простор за загриженост,“ рече Ѓорѓиевски.

ЗЕЛС повикува: Да не се игнорираат станбените згради

Истовремено, ЗЕЛС побара фокус и на безбедноста на објектите за домување, каде, според Ѓорѓиевски, има евидентни недостатоци.

„Во повеќе згради е утврдено дека хидрантите или не постојат, или се украдени. Имаме случаи каде што станари сведочат дека 30 години не е инсталирана никаква противпожарна опрема. Секоја институција треба да сноси одговорност, и ова не смее да биде оставено на самоволие,“ нагласи тој.

Угостителските објекти под засилена контрола – 30 дена рок за корекции

При проверките биле откриени и повреди кај угостителските објекти, особено во делот на поставување на летни тераси. Угостителите добиле рок од 30 дена за да ги отстранат констатираните неправилности.

Во изминатите денови, пазарниот инспекторат спроведе 116 вонредни контроли, информираше портпаролката на Владата, Марија Митева.

„На 10 објекти им е изречена привремена забрана за работа, а од денес започнуваат нови инспекции, во координација со МВР, насочени кон објекти за прослави и настани,“ изјави таа.

Антикорупциска проверка на законите – цел: да се спречи злоупотреба при лиценцирање

Државната комисија за спречување на корупција соопшти дека е во тек антикорупциска проверка на законите, поврзани со издавање дозволи за работа на угостителските објекти.

„Овој процес подразбира целосна анализа на регулативата со цел да се откријат можности за конфликт на интереси, празнини или нејасности кои можат да отворат простор за корупција,“ се наведува во соопштението на ДКСК.

Од Министерството за образование и наука информираа дека Државниот просветен инспекторат ќе врши проверки за тоа дали училиштата имаат валидни осигурителни полиси, во рамки на безбедносните стандарди.