Владимир Кецмановиќ, таткото на убиецот од основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, на вчерашното судење по обвинението дека го научил синот да пука со пиштол и дека му го ставил лесно достапно на располагање оружјето со кое го извршил масакрот, презентираше срамна одбрана, цело време велејќи дека „не може да прифати некој да го смета за одговорен за тоа што се случи на 3 мај“, пренесува српски „Блиц“.
Како што дознава весникот, Кецмановиќ на почетокот на рочиштето им изразил сочувство на семејствата на убиените деца, а потоа продолжил да објаснува како направил сè за да го обезбеди оружјето, дури „и повеќе од она што го пропишува законот“.
На прашањето на главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград Ненад Стефановиќ, како тогаш го објаснува тоа што неговиот син ги зел пиштолите и убил 10 лица, а ранил уште петмина, тој целосно избувнал и избезумено почнал да кажува пред судот дека обвинителот не го почитувал и навредувал.
Цело време нагласуваше дека е доктор и дека цел живот луѓето му се обраќале со почит и благодарност, вели извор на „Блиц“ запознаен со случајот.
Меѓутоа, на прашањето како момчето убиец успеало да дојде до оружјето, тој не дал никаков одговор.
Цело време додека Кецмановиќ ја изнесувал својата одбрана, родителите на убиените деца седеле зад него во судницата.
Откако заврши судењето, тие видно вознемирени ја напуштија судницата.