Снимањето на биографскиот филм за легендарниот француски фудбалер и селектор на Франција Зинедин Зидан треба да започне во јануари 2027 година во Марсеј и неговата околина. Проектот засега се води под работниот наслов „Судбина“ (Un destin), според информациите што ги објавија француските медиуми.
Филмското остварување детално ќе го следи животот и спортската патека на еден од најголемите светски фудбалери, почнувајќи од неговото детство во марсејската населба Кастелан. Приказната понатаму ги обработува клучните моменти од неговата кариера, како освојувањето на Златната топка и титулата на Светското првенство во 1998 година, сè до неговите историски успеси со шпанскиот клуб Реал Мадрид.
Филмот ќе ги опфати и драматичните случувања од Светското првенство во 2006 година, со посебен осврт на инцидентот во мундијалското финале кога Зидан го удри со глава италијанскиот дефанзивец Марко Матераци.
Аудициите за проектот се веќе во тек, а продукцискиот тим бара актери кои ќе ги толкуваат ликовите на членовите на неговото семејство со кабилско потекло, претставници на домородното северноафриканско берберско население. Исто така, се бараат млади талентирани фудбалери и актери кои ќе ги оживеат влијателните фудбалски фигури од неговата кариера, меѓу кои се Бернар Тапи, Аме Жаке, Биксент Лизаразу и Кристоф Дугари.
Режисерската палка ќе му биде доверена на педесетгодишниот Али Бугераба, режисер со алжирско потекло, кој во својата младост бил дел од младинската фудбалска школа на Олимпик Марсеј.
