Се додека Уставниот суд не донесе одлука Законот за солидарен данок е во сила и компаниите кои се опфатени со него треба да го платат, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и додаде дека Владата ќе ја почитува одлуката на Судот каква и да биде.

-Се додека Уставниот суд не одлучи како што би одлучило, а не прејудицираме како би одлучиле, законското решение е во сила и компаниите коишто се опфатени треба да го платат данокот по тој основ, рече Битиќи во одговор на новинарско прашање при денешната посета на компанијата Мако Маркет во Скопје заедно со премиерот Димитар Ковачевски.

Нагласи дека не треба да се зборува какви се сценарија може да се случат се додека Уставниот суд не ја донесе одлуката.

-Да не прејудицираме, кога ќе биде одлуката донесена тогаш ќе зборуваме за сценаријата коишто ќе може да бидат. Да ја кажам вистината или да лажам? Вистината е дека судството е независно и дека секоја одлука на судот е крајна. Во држава во која има демократија почитувањето на законите и почитувањето на независното судство е императив на владеењето на правото, така што секоја одлука која што може да дојде од Уставниот суд ќе биде соодветно спроведена, потенцира Битиќи.

Стопанската комора вчера до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за данок за солидарност, со предлог за донесување решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени врз основа на оспорениот Закон, до донесување на конечната одлука.