Фудбалската репрезентација на Република Ирска се најде во фокусот на европската јавност поради крајно необичен потег пред вечерниот натпревар против Израел. Имено, во официјалниот протокол доставен до УЕФА, еден централен бек е регистриран како резервен чувар на мрежата.

Причината за ваквата одлука лежи во потегот на голманот Гевин Базуну, кој реши да го бојкотира овој натпревар во знак на протест поради воените случувања во Газа. Натпреварот инаку се игра на неутрален терен во Дебрецен, Унгарија.

Бидејќи правилата на УЕФА наложуваат секоја селекција во записникот задолжително да има два резервни голмани, стручниот штаб на Ирска мораше експресно да реагира. Како трет голман, покрај Каоимхин Келехер и Макс О’Лири, официјално е пријавен Џими Дан, играчот на Квинс Парк Ренџерс.

Дан вообичаено настапува како класичен стопер и со таква улога првично беше повикан во националниот тим, но сплетот на околности го претвори во резервен чувар на мрежата за овој меѓународен дуел.