Капитенот на Манчестер јунајтед, Бруно Фернандеш, нема да настапи за репрезентацијата на Португалија на вечерашниот натпревар против Норвешка во Лигата на нации. Офанзивниот играч за врска предвреме го напушти националниот табор по здравствени проблеми и нема да биде во комбинација за составот.

Фернандеш веќе отпатува назад во Манчестер каде што медицинскиот тим на неговиот клуб ќе изврши детални прегледи. Здравствената состојба на фудбалерот е оценета како посложена, поради што е одлучено веднаш да се започне со соодветен третман и рехабилитација.

Пресметката меѓу Португалија и Норвешка е закажана за вечерва со почеток од 20:45 часот. Двете селекции влегуваат во овој дуел со освоени по три бода по воведните победи остварени против репрезентациите на Данска и Велс.