Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска пристигна во Израел на средби со премиерот Бенјамин Нетанјаху и други високи израелски претставници, јавуваат светските медиуми.

Блинкен слета во Тел Авив придружуван од новоименуваниот американски амбасадор во Израел, Џек Лу, според Си-Ен-Ен.

Тоа е негова трета посета на Израел по нападот на Хамас на 7 октомври.

Во четвртокот, пред да замине од Вашингтон, Блинкен рече дека планира да разговара со израелската влада за, како што ја нарече, „тековната кампања против терористичката организација Хамас“ и „чекорите што треба да се преземат за заштита на цивилите“.

Тој исто така има намера да разговара, како и при претходните посети, за заложниците кои ги држи Хамас, за спречување на ширењето на конфликтот, за понатамошна испорака на хуманитарна помош, но и за „ден потоа“, односно за создавање услови за трајно одржлив мир и безбедност за Израелците и Палестинците.