Следејќи ги етичките и професионалните стандарди на новинарството, редакцискиот колегиум на Радио Лидер одлучи да ја бојкотира утрешната прес-конференција на Сашо Дуковски, адвокат на Васил Јованов.

Јованов минатата недела пијан, дрогиран, без возачка дозвола со 130 километри на час на булеварот Партизански одреди ја усмрти 22 – годишната Фросина Кулакова.

Ваквата одлука на колегиумот на Радио Лидер доаѓа по барањето на семејството на загинатата, кое предупредува дека Дуковски утре има намера да емитува видео снимка на која се гледа нејзиното мртво тело и како Јованов испушта крици покрај неа, поради наводно каење. Оваа злоупотреба во најава нема да ја толерираме.

Му порачуваме на адвокатот дека на неговиот клиент нема да му помогне со тоа што ќе води битка за јавното мислење, кое нема да се промени затоа што е објективно и јасно: Разгалено детиште, криминогено и со години штитено од системот поради влијание и пари – усмрти млада, креативна и амбициозна девојка.

Нашата редакција прва го објави идентитетот на сторителот и негового богато досие, но и двегодишната заштита од обвинителството и судот. Откако објавивме, колегите од сите други медиуми се придружија и се создаде атмосфера која резултираше со протести за правда и реформи во судскиот систем.

Гледаме како во последните денови работите се раздвижија и како од ОЈО Скопје и судскиот совет се обидуваат да го одбранат неодбранливото. Но, видовме и политичка воља од страна на премиерот Христијан Мицкоски да се стави крај на ова мучириште.

Очигледно е дека поради Фросина Кулакова ќе падне судскиот совет, а можеби и Советот на јавни обвинители и токму затоа нема да му дозволиме на Дуковски да го пренасочува јавното мислење собирајќи ја кон себе негативната енергија насочена кон институциите.

На нашиот вебсајт и на нашата радио фрекфенција 98,1 ФМ нема да се појави ништо од Сашо Дуковски поврзано со овој случај, првенствено од почит кон семејството кое по огромната трагедија не заслужува да гледа вакви сцени.

Бараме од колегите од другите медиуми да го следат примерот. Со нашето информирање ние како медиуми сме должни да создаваме услови за поздраво општество, со објавувањето на вакви нездрави работи ние сигурно нема да ја постигнеме таа цел.

Љупчо Златев
Одговорен уредник на Лидер.