„Безбеден град“ се користи за заштита на граѓаните
Системот „Безбеден град“ се користи за подобрување на сообраќајната безбедност и заштита на граѓаните, но неговата цел надминува само казнување прекршоци. Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Бојковска, нагласува дека овој систем претставува важен инструмент за спасување човечки животи и за унапредување на сообраќајната култура во земјава.
„За мене системот „Безбеден град“ не е само систем за детектирање на сообраќајни прекршоци и казнувања, туку за мене овој систем значи пред се, како што видовме, спасување на човечки животи“, истакна Бојковска во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија.
Политичка поддршка и законски измени
Пратеничката додаде дека, и покрај недостатокот на поддршка од одредени политички структури за сетот законски измени што ја унапредуваат работата на „Безбеден град“, најважната цел на ВМРО-ДПМНЕ останува обезбедување функционален систем во интерес на граѓаните.
„Многу жалам што овој систем за „Безбеден град“ треба да биде пред се натпартиски, но сепак одредени структури не дадоа поддршка таму каде што беше најпотребно, во Собранието“, рече Бојковска.
Натпартиско делување и дигитализација
Таа истакна дека системот треба да функционира целосно без партиски влијанија и со целосна дигитализација, за да се обезбеди поголема функционалност и ефикасност.
„Како пратеник и како граѓанин, стојам на целта да обезбедиме Безбеден град кој ќе функционира непречено, без партиски стеги и со целосна дигитализација“, заклучи Бојковска.
