Кога станува збор за врсничкото насилство, бројките на пријави во Министерството за образование и наука и во Министерството за внатрешни работи се разликуваат. Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на настан во рамки на кампањата „16 дена активизам“, под мотото „Сплотени дејствуваме, одлучни против насилство“, организиран од партиските структури на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ние, генерално, годишно имаме 50 до 60 пријави на врсничко насилие и тие ги процесуираме по протокол. Мојот впечаток е и за врсничкото насилие, но и за сето друго, особено ова врз жените постоело, а наша задача е да го сведеме на минимум“, порача Јаневска.

Таа додаде дека државата не претставува некаква изолирана земја каде што се појавуваат овие девијантни појави.

Јаневска нагласи дека насилството станува сè побрутално и дека бруталноста на насилниците навистина предизвикува изненадување во јавноста.

„Оттука, јас не се сеќавам, кога јас бев млада имаше насилие, но немаше гасење цигари од кожата на жртвата, немаше присилно, насилно соблекување на жртвата, немаше понижување кога моли и мора да моли жртвата за милост за да не биде физички повредена. Но сега, јас се радувам што за ваквите појави зборуваме. Во минатото ниту жените, но ниту наставниците и родителите зборуваа за ова. Отворената дискусија на оваа тема, де факто, води кон напредок. Колку и да е тежок периодот, колку и да е мачен периодот, еве сме се собрале да бараме решение“, истакна Јаневска.

Министерката посочи дека решенија постојат, но неопходно е нивната примена значително да се активира и да се интензивира во секојдневната пракса.

„Она што ние го правиме во училиштето, прво за врсничкото насилие, е активна и агресивна борба против врсничкото насилство што со години наназад не сме ја виделе. Првенствено, веднаш кога дојдовме на власт ние донесовме Закони за основно и средно образование во кои ги задолживме училиштата во својата годишна програма, обврзно да имаат програма во која ќе работат со учениците против врсничко насилство и против сите други видови на дискриминација, затоа што насилието претставува еден вид на дискриминација. И тие се сега задолжени и тоа го прават“, заклучи Јаневска.