Министерството за финансии преку националните структури што управуваат со средствата од ИПА/ИПАРД инструментот на Европската унија донесе одлука за привремен прекин на исплатите од ИПАРД-програмата. Мерката следува по серијата настани поврзани со истрагата за корупција и злоупотреби во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР).

Од Министерството информираат дека Европската комисија била веднаш известена, а Брисел ја поздравил брзата реакција на македонските институции.

Целта на овој чекор е да се обезбеди уверување дека системот функционира со целосна законитост и регуларност на исплатите од ИПАРД, како и да се зајакнат мерките за заштита од измами и корупција – соопштија од Министерството за финансии.

Во моментов, националните структури што ги управуваат европските средства спроведуваат внатрешни проверки и ревизии за утврдување на можни пропусти во системот. Според податоците, Македонија има децентрализирано управување со европските фондови од 2009 година, а ваквиот потег се оценува како дел од мерките за одржување на довербата во механизмот за распределба на ИПА/ИПАРД средствата.

Реакција од Министерството за земјоделство

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски изјави дека Европската комисија не донела одлука за блокада на ИПАРД-средствата и дека Европската унија ја поддржува транспарентноста на македонските институции.

Брисел нема никаква најава за блокада на ИПАРД-средствата. Напротив, борбата што ја водиме против корупцијата и проверките што ги правиме во Агенцијата се поздравени од Европската унија – изјави министерот.

Тој додаде дека по акцијата на полицијата и Обвинителството започнале детални проверки во Агенцијата за финансиска поддршка, особено во делот на исплатите и контролата на апликантите.

Ќе се преземат активности за зајакнување на контролните механизми и транспарентноста во исплатата на ИПАРД средствата. Во најбрз можен рок ќе биде назначен нов директор на Агенцијата за да се обезбеди нормално функционирање – рече Трипуновски, нагласувајќи дека Владата останува решена да ја спроведе „борбата против корупцијата до крај“.

Притвор за директорот и уште четворица осомничени

Во меѓувреме, Основниот кривичен суд Скопје определи мерка притвор за директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев, како и за уште четири лица.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК) ги товари осомничените за примање поткуп и противзаконско влијание. Според истрагата, Стоилев бил уапсен „на дело“ по пријава дека примил 400 евра мито, како дел од договорена сума од 50.000 евра за доделување финансиска поддршка преку ИПАРД-програмата.

Меѓу осомничените се и службеници од Министерството за земјоделство и Управата за јавни приходи (УЈП), кои, според обвинението, го искористиле своето службено влијание за да помогнат на фирма што не ги исполнувала условите од јавниот повик.

Обвинителството оцени дека постои опасност од бегство и влијание врз сведоци, поради што судот им одреди притвор од 30 дена на четворица од осомничените, додека едно лице доби куќен притвор.

Истражителите на ОЈО-ГОКК и полицијата извршија претреси на повеќе локации, при што биле пронајдени докази поврзани со нелегалното доделување на европски средства.

Со привременото стопирање на исплатите од ИПАРД, институциите најавуваат дека целта е да се исчисти системот од злоупотреби и да се врати довербата во управувањето со европските фондови, додека истрагата продолжува.