Воздушни интервенции и специјални единици на терен
Во изминатите два дена, припадници на Армијата учествуваа во гаснењето на шумскиот пожар во реонот на Јасен. Со хеликоптер Ми-8МТ беа реализирани 46 водени исфрлања, при што беа фрлени околу 102 тони вода. Во акцијата беа вклучени и припадници на баталјонот „Волци“, кои заедно со Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ работеа на расчистување на тешко пристапен терен за спречување на понатамошно ширење на огнената стихија.
Координација со институциите
Од Армијата соопштија дека целата операција се спроведува во координација со Центарот за управување со кризи, со цел заштита на населението, имотот и животната средина. Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информираше дека денеска биле регистрирани шест пожари на отворен простор, од кои само два останале активни.
Опасноста кај Козјак сè уште присутна
Ангелов посочи дека најтежок останува пожарот во ловиштето Јасен, кој и покрај дождот не е изгаснат. Активен е еден крак што се движи кон езерото Козјак и ресторанот на врвот над езерото. Специјалците од „Волци“ и „Тигри“ утрово работеле на создавање противпожарен појас на стрмен гребен, со цел да се спречи преминувањето на огнот на другата страна.